Успешно отворена Првата изложба на уметничка фотографија „ФОТО ПОИНТ“ во Виница
На 3 јуни 2026 година, со почеток во 12:00 часот, во изложбениот простор на Домот на култура „Тошо Арсов“ во Виница, свечено беше
отворена Првата меѓународна изложба на уметничка фотографија „ФОТО ПОИНТ“, во организација на Здружението за промоција на интелектуални,
мултикултурни и спортски вредности МОТУС и Фото клубот МОТУС.
Изложбата се реализира под патронажа на Меѓународната Федерација на Уметничка Фотографија (FIAP), Фото Сојузот на Македонија (ФСМ) и
Меѓународната Асоцијација за Фотографија „ДУНАВ“ (DIPA), што претставува значајно признание за квалитетот и меѓународниот карактер на оваа
фотографска манифестација.
„ФОТО ПОИНТ“ беше организирана во три теми, и тоа: тема А - Отворена (монохроматска и колор фотографија), Тема Б - Портрети и Тема
В - Природа, привлекувајќи голем интерес кај фотографите од целиот свет. На изложбата се пријавија вкупно 216 автори од 50 држави, со вкупно 2436
пријавени фотографии. По извршената селекција, меѓународното жири во состав: Боривоје Миловановиќ од Србија, Ненад Мартиќ од Хрватска и Глигор
Максимовски од Македонија, прифати вкупно 986 фотографии.
За FIAP Best Author на изложбата, жирито го прогласи István Kerekes од Унгарија, додека признанието DIPA Best Author му припадна на Maurizio
Trifilidis од Италија.
Од Република Македонија награди освоија следните автори:
- Стефан Николиќ, во тема А, со фотографијата “LOVE STORY” освои DIPA диплома;
- Мирза Ченгиќ, во тема Б, со фотографијата “STOJKA” освои DIPA диплома;
- Димче Коруноски, во тема Б, со фотографијата “EL GVAJOS” освои FSM диплома;
- Анита Палческа, во тема Б, со фотографијата “DARKO” освои SALON диплома и
- Мимоза Чолак, во тема Б, со фотографијата “MARKET VENDOR” освои SALON диплома.
На самото отворање беа изложени сите наградени фотографии, кои на посетителите им понудија можност да уживаат во различни авторски пристапи,
теми и фотографски техники.
Со реализацијата на оваа изложба, Виница уште еднаш се потврди како значаен центар за културни и уметнички настани, а „ФОТО ПОИНТ“ претставува нова платформа за меѓународна соработка, размена на искуства и промоција на уметничката фотографија.
Организаторите имаат јасна визија оваа изложба во иднина да прерасне во препознатлив културен бренд и заштитен знак на Виница, кој ќе придонесува за афирмација на градот на национално и меѓународно ниво. Истовремено, изложбата има за цел да биде значаен промотор и двигател на популаризацијата
на уметничката фотографија, поттикнувајќи го фотографското творештво, меѓународната соработка и развојот на фотографската култура кај пошироката
јавност.
Изложбата ќе биде отворена за посетители до 15 јуни 2026 година, а сите љубители на фотографијата ќе имаат можност да ги разгледаат изложените
дела и да се запознаат со современите текови во меѓународната фотографска уметност.
Во прилог на текстов, линк од видео запис.
https://www.youtube.com/shorts/hhjh-hiIxoY
Gallery